Би сакале да користиме веб колачиња "Cookies", со цел да го подобриме Вашето корисничко искуство на нашиот веб сајт. Ова ни овозможува да го подобриме Вашето идно искуство на нашиот веб сајт. Детални информации за начинот на кој може да ги смените Вашите преференци за веб колачиња "Cookies“, може да најдете во нашиот документ за Политика за приватност / Политика на приватност
Кожа
Кожата е надворешната обвивка на човековото тело и претставува најголем орган. Кај новороденче има површина од 2 500 cm2, но со растење површината се зголемува до 18 000 cm2 кај возрасен. Кај новороденчето, на кожа отпаѓа 13% од неговата тежина во споредба со возрасните каде отпаѓа 3%. Токму ова и дава посебно значење на кожата како орган кај бебињата. Кожата е првата бариера кај новороденчето кое се сретнува со различните моќни фактори на околината, на кои било изложено новороденчето, штом излезе од сигурната интраутерина средина на мајката.
Бариерна функција – заштита на организмот од негативни влијанија од околината - (механичка заштита, антиинфективна заштита, термичка заштита, заштита од прекумерно губење на вода, пенетрација на разни хемиски материи, заштита од штетно влијание на сончевите зраци – УВ радијација).
- Учествува во терморегулација
- Имунолошка активност – учествува во неспецифичната одбрана на организмот. Преку неа организмот се запознава со надворешната средина и создава соодветен имунолошки одговор.
- Сетилна функција (преку бројните нервни завршетоци и пачиниевите телца се воспоставува врска помеѓу надворешната средина и организмот).
- Секреторна функција (пот и лој).
- Синтеза на витамин Д под влијание на ултравиолетови зраци од сонцето.
Иако кожата кај вашето бебе наликува по градба на вашата, сепак функционално е незрела. Затоа кожата на вашето бебе е особено чувствителна на влијанијата од околината. Кожата е потенка со што е олеснато губењето на вода, а сето тоа придонесува за полесно навлегување на разни штетни материи. Жлездите ја немаат достигнато целосната активност, па поради тоа не е целосно развиен воденомасниот обложувачки слој што ја прави бебешката кожа почувствителна на инфекциите, кои лесно можат да ја оштетат кожата. Да не заборавиме дека, големата површина на кожата и намалената способност за потење ги прави бебињата термонестабилни, па лесно може да се прегреат или да се оладат. Детската кожа постепено созрева и на возраст од 12 години ја постигнува зрелоста како кај возрасните, во поглед на морфолошките и физиолошките карактеристики.
Денес, се знае дека бариерната функција на кожата е предуслов за здрава и нормална кожа. Со одржување на нормална бариерна функција се обезбедуваат и другите функции на кожата во обезбедување на здравјето. Еластичноста и мекоста на кожата, кои се предуслов за нормална бариерна функција, се должат на способноста на стратум корнеум да врзува вода. Тоа е овозможено од нормалното присуство на масти во интерцелуларниот матрикс, нормалната секреција на липиди од лојните жлезди и од присуството на нормални навлажувачки фактори (аминокиселини). Епидермисот претставува метаболно активна средина во која се врши синтеза на одредени материи – липиди, протеолиза, активација на цитокини, ацидификација, прилагодено на влијанијата од надворешната средина. Кожата делува како биосензор како на надворешните влијанија, така и на внатрешните влијанија од самиот организам.
Одбранбени механизми од инфекција
- Природниот слој на кожата составен од масти, вода, пот и кератиноцити е првата бариера за навлегување на микроорганизмите.
- Киселата pH не дозволува развој на бактерии.
- Леукоцитите кои се сретнувааат во кожата може да ги заробат и уништат бактериите кои ќе навлезат во епидермисот.
- Епидермисот исто така содржи и специјални дендритични клетки - лангерхансови клетки кои се расфрлени низ кератиноцитите. Тие се способни да ги заробат туѓите материи кои ќе навлезат во епидермисот и ги носат до лимфоцитите, кои ги неутрализираат. При подолготрајно изложување на исти туѓи материи, со тек на време лимфоцитите го зголемуваат степенот на одбрана и создаваат антитела наспроти тие туѓи материи. Тоа може да доведе до несакана последица, односно до алергиска реакција.
- Нормален екосистем на микроорганизми (бактерии и габи). Се смета дека на 6.5 цм2 кожа во просек има 50 милиони микроорганизми, но секако нивната концентрација варира во зависност од местоположбата. Микроорганизмите меѓу себе се контролираат и се дел од здравата кожа, воедно не дозволуваат населување на патогени бактерии. Правилната хигиена на кожата е многу важно од повеќе аспекти. Од една страна, нечиста кожа може да фаворизира развој на патогени бактерии. Но, од друга страна, прекумерното миење и отстранување на нормалните бактерии може да го олесни населувањето на патогени бактерии кои може да ја оштетат кожата.