Прашања и одговори

Имам четири месечно бебе и има атопичен дерматит….од време на време е поизразен, а некогаш се смирува. Распостранет е само на стомачето и градите, а на друго место не…. во вид на ситни црвенки, мозолчиња, а околината им е црвена. Користам само памучна облека, се бањаме секој втор ден, за купка користам линола, а за мачкање мустела стелатопија, ама нема некој ефект. Прашањето ми е, каква друга козметика да сменам и дали како што ќе расте бебето ќе исчезне и овој дерматит …како и некој совет околу оваа проблематика…

АД е хронично, повторувачко, воспалително кожно заболување, кое се карактеризира со чешање и екцематозни кожни промени и најчесто се јавува во период на доење и детството. Тоа значи дека може да се проширува и на другите делови на кожата (раце, нозе), но обично, во тек на втората година се смирува и се ограничува на одделни делови од телото. Овие бебиња со оглед дека имаат сува кожа може да се капат секој ден, но важно е, веднаш после капење, со пешкир да се впие водата од телото, и најбрзо што може,во тек на неколку минути, цело тело и здравата кожа, да се намачка со крем. Пожелно е да не се менуваат препарати за капење и за нега на кожата. Користењето на крем нема да го излечи егземот, но важно е постојано да се нанесува крем на сувите делови на телото. Затоа се препорачува еднаш на ден цело тело на сувите делови, во вашиот случај стомачето и градите, при секоја промена на пелените, доколку почуствувате дека кожата е сува да се намачка. Потребно е да се користи крем кој се впива и ја влажни кожата. Овие деца не сакаат многу топло и пожелно е во просторијата каде престојуваат температурата да биде околу 20-22 степени, да не се преоблекуваат, облеката да им биде комотна. За нега на кожата може да користите која било козметика која ќе ја влажни и онака сувата кожа. Не очекувајте од кремите дека ќе го решат проблемот, само ќе ја влажнат кожата да не биде сува. Потребно е трпение и време, но доколку имате посериозни проблеми со кожата советувајте се со вашиот педијатар.

Сакам да прашам - имам двегодишно синче и на двете надлактици има крукчиња испукана и сува кожичка.Како да го третираме?


Потребно е почесто нанесување на крем или витаминска маст кои ќе ја влажнат сувата кожа. Тоа може да го правите повеќе пати во текот на денот.

Со што да ги мачкаме бебињата после капење? А со што да ги штитиме од настинка? Дали има гел препорачлив за бебиња?

Совети за капењe:

  • Миење на кожата со сапун и млака вода од 37 степени
  • НЕ ПОДОЛГО ОД 5 МИНУТИ
  • Да се избегнува бањање во пенлива вода затоа што може лесно да дојде до иритација на кожата.
  • Нежно впивање на водата од кожата со пешкирот, особено во прегибите, да се избегнува триење на кожата.
  • Веднаш по секое миење со вода на добро исушена кожа нанесете заштитна крема специјално наменета за нега на бебешка кожа.

Како да го заштитите вашето бебе од инфекции

  • Да се дои бебето, затоа што преку мајчиното млеко бебето прима готови антитела и други заштитни фактори, кои го штитат од инфекции, а воедно овозможуваат правилно развивање на неговиот имунитет
  • Правилна дохрана и внес на сите потребни хранливи материи (овошје, зеленчук, месо, житарици, млечни производи)
  • Да не се пуши во домот, често да се проветрува просторијата
  • Секојдневен престој на чист воздух
  • Миење на раце на домашните
  • Да се избегнува престој во затворени јавни простори ( Рамстор, Веро, игротеки, родендени..)

Имам прашање за докторката, поврзано со мојата едногодишна ќеркичка, која има проблем со кожата на вратот и назад на тилот, постојано се чеша дури и во спиење. Вратчето и е постојано црвено, и веќе подолго време го имаме овој проблем. Како да го спречиме и негуваме, дали станува збор за некој кожен проблем?

Со оглед дека промените се локализирани само на вратот, треба да се види што е причина за тоа. Може, доколку детето се поти и постојано е влажно во таа регија, да доведе до оштетување на кожата и накалемување на инфекција. Пожелно е таа регија да биде слободна, да се користат блузи со широки отвори. Да се користи бела памучна постелнина, евентуално да се промени перницата на која спие (пердуви, синтетика…). Доколку и понатаму се присутни промените, направете консултација со дерматолог.

Моето синче има 17 месеци, неговитеобравчињата се постојано црвени и има многу ситни мозолчиња. Нашиот педијатар ни рече да го мачкаме со pentaxol крема, ама не му поминува, па да ми каже докторката, со што да ги мачкаме или што друго да преземеме?

Може да се работи за егзем, кој сега, во зимските месеци поради студот станува понагласен. Важно е да се нанесува често крем на сувите делови на образите, може и неколку пати во денот. Може да користите кој било навлажнувач: рибино масло, обичен вазелин (без додатоци на парфем или други додатоци). Доколку се црвени може да користите и крем со цинк, бидејќи цинкот го смирува црвенилото. Важно е да не биде претопло во просторијата, да не го облекувате премногу, затоа што овие деца не поднесуваат топло. Најверојатно, кога ќе помине зимата, во тек на пролетта и летото, под дејство на сонцето ќе се смират промените на образите. Може и сега, во тек на зимските месеци да користите капки АД место витамин Д или Вигантол, поради важноста на витаминот А за кожата.

Колку често треба бебешката кожа да се премачкува со рибино масло? Јас повремено пробував неколку пати во првите 2-3 месеци, но страшно ми смета мирисот, и од тогаш само со маслото на becutan по бањање и секој ден по малку кремче на лицето…маста na Becutan со рибино масло не сум јa пробала, всушност сега видов дека има таков производ …

Бебињата се капат секој ден и пожелно е веднаш после капење да се намачка кожата со крем за нега. Доколку кожата на вашето бебе е со нормална влажност, доволно е да се нанесе крем за нега. Доколку е посува може да користите витамински крем или некој друг навлажнувач. Ако имате проблем со црвенило и осип во регија на пелената може да користите крем збогатен со цинк. Значи не е неопходно да го користите рибиното масло за нега на кожа.

Моето синче има 13 месеци и пред извесно време беше настинат и примаше терапија. За два дена дена приметив дека на обравчињата на лицето му се создадоа ранички. Дали е можно да е од терапијата што ја прима? Да напоменам алергично е на пеницилин.

Децата до три години доколку не одат во градинка главно се разболуваат од вирусни инфекции за кои нема потреба да примаат никакви лекарства. Секоја вирусна инфекција трае од четири до седум дена и спонтано поминува. Особено, со оглед дека вашето дете има склоност кон алергиии, пожелно е да не примате лекарства непотребно (антибиотици, сирупчиња на база на тревки, антипиретици). За температура користете антипиретик доколку температурата е поголема од 38,50С под мишка. Тешко е да се каже дали промените на образите се поврзани со примањето на лекарствата, можно е самата инфекција во комбинација со лекарствата да ги нагласила тие промени.

Зошто се суши/лупи и како да се негува кожата на бебешкото главче?

Се работи за себороичен дерматит кај доенче и обично се јавува на косматиот дел на главата, но може да се јави и на веѓите, ушите и околу носот. Обично спонтано исчезнуваат до една година и претставува безопасна привремена состојба, која се јавува поради преголемо лачење на маснотии. Познат е под името „Cradle cap“. Се користат посебни шампони, бебешки масла и одредени креми и лосиони за нега на овие делови од кожата, кои се зафатени. Се препорачува натопување на лушпите со бебешко масло и после тоа нежно отстранување со мек чешел. Доколку промените се обемни, оваа процедура се повторува во тек на неколку денови. Не се препорачува одеднаш да се отстранат сите промени затоа што кожата е нежна и лесно може да се оштети. Доколку промените и понатаму се присутни или е присутно чешање на главчето, консултирајте се со вашиот педијатар или со дерматолог.

Имам дете од пет години на кое, на лицето му се појавува нешто како лишај. На кожно ни рекоа да користиме Канестен, и тоа го користиме, не се шири, но штом престанеме, веднаш се појавува?

Најверојатно се работи за габична инфекција која со Канестен се смирува. Габичните инфекции се макотрпни и бараат подолготрајна локална терапија (2-3 недели). Потребно е кожата на лицето да се мие со вода, да се одржува сува, да не се користат масла и лосиони.Избегнувајте користење на антибиотици кои подржуваат развој на габични инфекции. Консултирајте се со дерматологот за времетраење на терапијата доколку не се работи за некоја друга кожна состојба.

Имам ќерка од 4 години. На 2 годинки и се појави црвенило на препоните и повнатре кај вулвата па околу очињата и на главчето. Ни препишаа секакви масти но ништо не помага, уште има црвенило доле, не се повлекува ич. Ве молам за совет.

Со оглед дека се работи за кожна промена која трае подолго време, треба да се направи консултација за да се видат истите. Може да закажете консултација во имунолошка амбуланта на Детска клиника (3147714).

Сакам и јас да поставам едно прашање. Синот се роди со мала црвена точка на задниот дел од вратот, со големина од еден милиметар (може и помалку). Со тек на време точката обледе, доби боја како кожата. Се прошири и сега на 19 месеци му е долга околу 2-3 сантиметри, но веќе престана да се шири. Изгледа на гребнатина. Матичниот педијатар рече дека не е ништо сериозно. Дали препорачувате да посетиме дерматолог? Детето не се чеша и не покажува никакви знаци дека му пречи.

Доколку педијатарот ве советувал дека не е ништо сериозно, нема потреба да посетувате дерматолог. Нека го следи вашиот педијатар, доколку има потреба, тој ќе ве упати на консултација.

Дали е доволно бебето да се бања само со сапун и шампон за капење, а потоа да се премачка со млеко за тело. Моето бебе има 16 месеци и има нормална кожа.

Доволно е сапун и шампон за капење,а после тоа да се нанесе млеко за тело,особено во зимските месеци кога кожата е поизложена на сушење поради студот, односно поради преоблекување.

Моето синче има 4 месеци.Уште кога се роди по лицето имаше некои поткожни мозолчиња, а внатре имаат нешто бело. Повеќето од нив исчезнаа, но на десното обравче му останаа. Па, ако може да ми кажете што да користиме за да му исчезнат и овие. На почетокот го капевме со сапунче Eucerin, дали е можно тие да му исчезнаа од сапунчето.

Се работи за Милиа – бели дамки, кои најчесто се јавуваат на нос и лице, а се должат на затнување на масните жлезди. Обично исчезнуваат спонтано во тек на неколку недели и нема потреба од никаква терапија.

Имам двегодишна ќерка, нема ништо на кожата нема никакви брунки, но се чеша. Вака е веќе две недели. Бевме на доктор и ни даде сируп за алергија, но не и помогна. Повторно се чеша по цело тело. Ако може да ни каже докторката како да го спречиме чешањето.

Чешањето не секогаш значи алергија и може да биде предизвикано и од други состојби. Во зимските месеци може, доколку кожата е посува и од студ или од волна или претопленост, да се појави чешање. Обично антихистаминици не помагаат кај чешањето. Важно е користење на навлажнувачи, кои ја прават кожата мека и може да се намали чешањето. Во секој случај треба да се консултирате со вашиот педијатар за можни други причини за појава на чешање.

Ако може за совет! Имам четиримесечно синче. Уште кога се роди на носето имаше ситни бели точки како поткожни мозолчиња, кои за некое време му се изгубија, но сега повтроно му се појавија.Користиме кремче од Becutan, дали треба да го мачкаме со некоја посебна крема за да се изгубат?

Кај бебињата непосредно после раѓање се појавуваат мали и бели точки на лицето во пределот на носот и обично исчезнуваат. Тие се должат на хормоните од мајката. Мислам дека не е ништо сериозно, но почекајте да видите дали ќе исчезнат. Може да се консултирате со вашиот педијатар кога ќе одите на редовна контрола. Непосредно после бањање пожелно е нанесување на крем за нега на целото тело за да се сочува и одржува нормалната влажност. Нема потреба од нанесување на посебна крема.

Ќеркичката беше гризната на обравчето од другарче во градинка. Местото најпрво беше модро па побледе, ама сé уште се познава малку, со што да го третираме, да не остане белег?

Доколку нема дефект на кожата туку само модринка, таа спонтано ќе се повлече со ресорпција на крварењето. Нема потреба да го третирате со ништо.

Моето бебенце има три и пол месеци и уште му излегуваат бебешки акни на обравчињата. Пробавме со Мустела – Стелатопија и со Бекутан кремата со цинк оксид. Нема некој голем ефект, моментално му помага, а потоа пак се јавуваат.

Доколку се работи за бебешки акни обично тие исчезнуваат спонтано во тек на вториот месец и нема потреба од никаква дополнителна терапија. Со оглед дека користењето на стелатопија и крем со цинк имаат ефект на промените, можеби не се работи за бебешки акни. Консултирајте се со вашиот матичен доктор, да не се работи за егзем или некои други промени.

Здраво, моето бебенце има два месеца и на грпчето има ситни црвени точки како осип. Го мачкам со Јекодерм, но не му помага. Исто така, имаше и на обравчињата, ама му помогна.

Со оглед дека вашето бебе е сé уште мало и терморегулацијата не е зрела, бидете внимателни да не го преоблекувате премногу. Доколку се претоплува бебето со облека и со покривање може да се појави осип. Ориентација нека ви биде тоа како сте вие облечени, исто така облекувајте го и вашето бебе. Исто така, температурата во просторијата треба да биде околу 20 степени, затоа што доколку е претопло може до доведе до појава на осип на кожата. Обидете се да го расоблечете вашето бебе и да видите дали тоа ќе доведе до повлекување на осипот. Доколку и понатаму е присутен консултирајте се со вашиот матичен доктор.