Би сакале да користиме веб колачиња "Cookies", со цел да го подобриме Вашето корисничко искуство на нашиот веб сајт. Ова ни овозможува да го подобриме Вашето идно искуство на нашиот веб сајт. Детални информации за начинот на кој може да ги смените Вашите преференци за веб колачиња "Cookies“, може да најдете во нашиот документ за Политика за приватност / Политика на приватност
1. Дали е ова почеток?
Збунета сум. Не знам што да мислам, што да чувствувам... Во мене се измешани сите можни бои од спектарот на човековите емоции. Во главата ми се враќаат сите слики од моето детство, времето кога бев мајка на една прекрасна мала кукла со светликавозелени очи, кадрава коса, кратко карирано фустанче и со неумешно, со розoв фломастер, излакирани нокти. Си помислувам и на морниците кои поминуваа низ моето тело кога со часови седев на ладниот маалски бетон и со другарките смислував најубави имиња за нашите деца. Ми се враќаат и вечно повторливите зборови на мајка ми: „Ќе бидеш мајка, ќе видиш“. Си помислувам на своите желби. И сето ова зашто сега сум ставена пред свршен чин!
Најпрвин сфатив дека ми доцни, а потоа следуваше и првиот позитивен тест. Тоа беше една толку бледа, розова линија што мојот песимизам одби да ја признае за важечка. Едноставно, тоа не беше линија која заслужуваше доверба. По неколку дена го направив вториот тест. Овојпат линијата беше изразено розова, слична на бојата на лакот за нокти на мојата кукла. Дали ова беше доволно за да поверувам? Не. Мене очигледно ми беше потребно некој да ме фати за двете рамена, да ме протресе и да ми каже: „Да, бремена си!“. Можеби и тоа немаше да ми биде доволно!
Сето ова го чував за себе во последните две седмици. Никој не ја знае причината за мојот немир – ниту сопругот ниту најблиските пријатели. Чувствувам дека ова е момент кој сакам да го чувам за себе, зашто кога ќе ги изговорам сите овие зборови, тие ќе го најдат своето место во реалноста, а за тоа сè уште не сум подготвена. Чувствувам дека не сакам да им дадам фонетска вредност пред да ги кристализирам во себе.
Навидум присебно, но со скриен трепет во срцето, се јавив кај мојот доктор и закажав преглед. Деновите до закажаниот преглед едноставно не поминуваа, а кога дојде денот, колку повеќе гледав во часовникот толку стрелките побавно се движеа. Во тој петнаесетминутен марш од дома до ординацијата пробував да не размислувам за тоа што ќе го слушнам во наредниот половина час, а колку повеќе се трудев да не размислувам толку погласни беа моите мисли. Дали е ова тоа што го сакам? Дали сум подготвена? Ќе можам ли? Ќе знам ли?
Во ординацијата поминав четириесетина минути, од кои не се сеќавам на ништо друго освен на звукот на забрзаното срцево отчукување, малата светлосива сенка на ултразвукот и на гласот на мојот грижлив доктор, кој еднаш ми кажа дека сум бремена, а после само повторуваше: „Немој да плачеш“.
Човек никогаш не може да биде подготвен за овој момент.
Јас сум во осмата недела од својата бременост и го пишувам ова зашто не знам како се чувствувам.
А како си ти?
Твојата целосно збунета,
Нина