Како да се заштитите од различната јачина на УВ зраците?

УВ индексот е развиен од Американската национална метеролошка служба  и од Американската агенција за заштита на средината, со цел да се обезбедат информации кои би биле од корист при планирање на одредени активности и превенирање на опасноста од прекумерното изложување на сончевите зраци.

УВ индексот се одредува секојдневно и ја предвидува јачината на УВ зрачењето,  кое доаѓа до површината на земјата, и тоа на скала од 1 до 11+. 1 значи низок ризик, а 11+ претставува екстремен ризик. При негово одредување се земаат во предвид повеќе фактори како што се: степенот на облачност, висината на сонцето, географската ширина, надморската висина, присуството на озон во атмосферата, рефлексија од одредени површини и други локални услови кои влијаат на УВ радијацијата која стигнува до површината на Земјата.

УВ индексот варира во текот на денот. Така, во летните месеци наутро и навечер е низок ризикот од УВ зрачењето, до 11 часот и после 17 часот е умерен, а највисок е во пладневните часови.